Critics
Тодор Кузманов
ВО СТИЛОТ НА УЛИЧНИОТ ТЕАТАР
( „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир; режија, Наташа Поплавска; продукција, Драмски театар – Скопје; премиера – 2017 г.)
Комедијата „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир кај нас досега е поставена само еднаш и тоа на сцената на МНТ во 1970 –та година, со бардот на македонското глумиште, Петре Прличко во улогата на евреинот Шајлок. Ова е значи нејзина втора постановка и покрај фактот што истата важи за драмско дело со најпрофилирани карактери, односно ликови и е вистинска провокација истите да бидат оживеани на сцена. Во делото има неколку теми и мотиви кои Шекспир вешто ги плете во единствена целина. Имено, главната приказна е окулу заемот што евреинот Шајлок го дава на венецијанскиот трговец Антонио, а како гаранција, дека ако не биде вратен на време, бара да се отсече половина килограм месо од телото на должникот; втората тема е за богатата наследничка Порција на која татко и и оставил завет да се мажи за оној кој од трите ковчежиња ќе го избере вистинското, односно она во кое се наоѓа нејзината слика; трета тема или мотив е бегалката т.е. ќерката на Шајлок која ќе се омажи за рисјанин и ќе ја прими неговата вера...
Драматургот Дарко Спасов и режисерот Поплавска прават извесни скратувања на текстот, но и вметнуваат како цитати од други дела, така и ликот на актерот во својство на раскажувач и водител на дејството со чиј пролог и започнува претставата. Овие интервенции значајно придонесуваат за згуснување на дејството и неговата динамичност и ефективност.
Режисерот Поплавска се определува со својот концепт кон реконструкција на шекспировиот театар односно театарот на елизабетанската епоха, како и на италијанската комедија дел арте, а во тој стил се и останатите елементи на постановката, а во прв ред костимографијата на Александар Ношпал, која со мали исклучоци, соодветсвува на наведениот историски период и театарот од тоа време кој најчесто се одигрувал на плоштадите и улиците. Сценографската рамка е разгледница на медитеранска Венеција со неизбежните гондоли, како и со многу редуциран декор и реквизити. Од причини што не е потпишан автор на сценографијата се претпоставува дека истата е решение на режисерот Поплавска. Во иста насока е и музиката која ја потпишуваат Јана Стојановска, Лука Горгиевски и Андреј Блажевски. Особено важни за оваа претстава се и сце4нските движења и кореегорафијата чии автори се Маја Митиќ, гостинка од Белград и Ирена Лозинска. Сите овие елементи, вклучително и актерската игра Поплавска ги вклопува во брза, ефектна и динамична театарска целина. Претставата изобилува со многу пресврти и перипетии кои се вешто режиски проектирани и уште повешто актерски изведени. Основниот впечаток од претставата е дека е таа во стилот на уличниот ренесансен комедијантски театар иако тоа не ги негира и останатите елементи на драматичност содржани во делото, како што се моралните дилеми, правдата, милоста и сл. а кои исто така се преточени и во постановката. Почитувајќи го зададениот концепт за реконструкција на елизабетанскиот театар, сепак режисерот Поплавска ќе настојува да ги извлече оние акценти кои делото го прават и денес актуелно, а претставата ќе прозвучи современо и универзално. Ова е особено вградено во ликот на Шајлок кој иако се појавува релативно малку, сепак е стожер на претставата и главниот лик со кој се поврзани сите други приказни, теми и мотиви на оваа трагикомедија. Со еден збор, Поплавска гради забавна, игрива и питка театарска претстава во која главниот адут се актерите и нивните креации.
Ликот на евреинот Шајлок, лихвар, го толкува Јовица Михајловски. Михајловски притоа нуди една нестандардна креација при што овој негативец се трансформира во позитивен борец за човековите права од најсовремен тип. Од првата до последната појава Михајловски гради дистанца која попречува во него да се види бесот за одмазда кон Антонио заради навредите што овој претходно му ги нанел на јавни места. Причина, затоа што е лихвар и затоа што е евреин. Во овој контекст не е подвлечена во креацијата на овој лик и неговата непопустливост и одбивањето да покаже милост и благонаклоност, а дотогаш пак истакнат акцент е ставен на монологот кога тој зборува за обесправеноста на својот народ и вера и за тоа дека се сметани за граѓани од втор ред, факт што ќе се потврди и на самото судење, кога ќе се обелодени дека законот на Венеција пропишува посебен режим за туѓинците. Шајлок на Јовица Михајловски, што се однесува на неговиот однос кон парите, неговата алчност и незаситност повеќе наликува на модерен финансиски односно банкарски чиновник одошто на класичен скржавец како честа тема во многу драмски дела што соодветно е подвлечено и преку неговиот костим. Во секој случај ваквата креација на овој антологиски лик понудува многу асоцијации и размислувања за неговата извонредна комплексност. Освен Јовица Михајловфски од повозраасната генерација настапуваат уште и актерите Анастас Тановски и Диме Илиев.Тановски е уверлив и во обете ролји кои ги толкува и како Тубал, пријател на Шајлок кој одеднаш му ги носи и добрите, но и лошите вести. Она што го радува Шајлок се вестите за загубата на бродовите на Антонио, а го растажува распусното однесување на неговата ќерка – бегалка, Џесика, но и во улогата на Венецијанскиот дужд кога го води необичниот судски спор. Диме Илиев ја толкува ролјата на првата дама со исто така актерска одмереност и сугестивфност. Останатиот дел на актерската екипа се актери од помладата генерација, а меѓу нив и се уште студенти. Зоран Иваноски настапува во улогата на Антонио кој е најекспониран како човек кој сака да му помогне на својот пријател и по цена како на своето богатство така и на својот живот. Посебно забележително е остварувањето на актерот Стефан Вујисиќ во ролјата на убавата Порција. Вујисиќ е еднакво успешен и во моментите на справувањето на Порција со нејзините просители и играта со трите ковчежиња, златното, сребреното и оловното, плашејќи се некој од несакан случајно да не го одбере вистинското пред таа можност да ја има нејзиниот љубен Басанио; но и во сцената на судењето кога неговата Порција, сега, преправена во маж како адвокат ќе ја спречи трагичната разврска пресудувајќи дека евреинот Шајлок е виновен што го загрозил животот на венецијанецот Антонио барајќи да му одсече половина килограм месо од неговото тело...Во по две улоги настапуваат Дамјан Цветановски и Григор Јовановски. Цветановски го толкува ликот на Басанио безмерно заљубен во Порција, но и кнезот од Мароко, а Јовановски ја игра ќерката на Шајлок, Џесика и кнезот од Арагонија. Посебно интересни се нивните креации во сцените кога овие двајца туѓинци ќе се борат за раката на Порција преку играта со ковчежињата. Впечатливи актерски остварувања понудуваат и Златко Митревски во ролјата на слугата Ланселот со својата итрина и досетливост, потоа Јана Стојановска во ролјата на актерот односно Раскажувачот, Јаков Спасов во ролјата на Лоренцо, а со впечатлива сценска појавност и движења се истакнува и Сергеј Димовски во ролјата на Грацијано. За актерскиот ансамбл во целина може да се каже дека е тој подложен и понесен, провоциран на убави и брзи актерски трансформации и ефектно одиграни пресврти кои во неколку наврати изнудуваат аплаузи на отворена сцена.
Иако претставата е реминисценција на одамна не постоечки вид на театар, оној елизабетанскиот од времето на Шекспир, сепак таа по својата суштина , по темите и мотивите се наметнува како особено актуелна и современа. Како потврда на тоа ги наведуваме репликите кои зборуваат за нееднаквоста и зидовите и бариерите кон туѓинците или иноверните, проблем кој е исклучително горлив токму денеска со брановите бегалци кои ја заплиснуваат Европа, но и да речеме најавениот бетонски ѕид на границата со Мексико во САД...
(емитувано на Радио Скопје – Културен мозаик на 10.03.2017 г.)